Повеќе пријави за поплави и нарушување на инфраструктурата се регистрирани по силното невреме што го зафати Скопје и околината. Според Центарот за управување со кризи, најмногу пријави пристигнале преку бројот 112, а се однесуваат на поплавени куќи, подруми, гаражи, сообраќајници и отежнато движење низ градот.

Најкритично во пет скопски општини

Како најкритични подрачја од ЦУК ги издвојуваат Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Аеродром. Состојбата, според надлежните, континуирано се следи, а екипите интервенираат на терен според степенот на приоритет и ризик.

Според статистичкиот преглед, по невремето се поплавени два подвозници, три кружни текови, повеќе од осум улици и делови од пет населби – Кисела Вода, Автокоманда, Чаир, Аеродром и Горно Лисиче. Пријавени се и поплавени станбени објекти, подруми, гаражи, два деловни објекти, како и простории во МАНУ.

Екипите се на терен

Критични точки во сообраќајот се подвозникот пред кружниот тек во Бутел, подвозникот на булевар „Србија“ во Кисела Вода, кружните текови кај Ист Гејт, Мото Центар, Цементара и Железара, како и улицата „Јордан Мијалков“ зад Дајмонд Мол. Проблеми се пријавени и на паркинзи и внатрешни сообраќајници во Расадник и Аеродром.

Од ЦУК информираат дека на терен координирано делуваат противпожарните единици, Дирекцијата за заштита и спасување, јавните комунални претпријатија, општинските екипи, „Македонија Пат“ и други надлежни служби. Граѓаните кои претрпеле штети можат да поднесат барања до општинските комисии за процена на штети.