Вкупно 10 пожари на отворено се регистрирани денеска, три се под контрола, а останатите изгаснати, соопшти ЦУК
Вкупно 10 пожари на отворено се регистрирани денеска до 18 часот на територија на државата, информира вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК). Нема активни пожари во моментов, а три се ставени под контрола, додека останатите се целосно изгаснати.
ЦУК соопшти дека под контрола се пожарите на територија на општините Македонски Брод, Гевгелија и Долнени. Во ловиштето „Јасен“ опожарена е мешана шума. На планината Кожуф е регистриран приземен пожар, а во подрачјето на селата Долгаец и Стровија е опожарена мешана шума.
Изгаснатите пожари биле во регионот на општините Брвеница, Врапчиште, Гази Баба, Долнени, Куманово, Прилеп и Струга, додаваат од ЦУК.