Воениот конфликт во Украина ги мобилизираше и тимовите на Црвениот крст во РСМ. Досега во ЦК се пријавени 20 лица и сите тие се сместени кај свои роднини и пријатели во Скопје. Сузана Тунева Пауновска, Секретар на ЦК на град Скопје вели дека се подготвени со мобилни тимови да им обезбедат помош и поддршка на овие украинци.
Црвениот крст има свои фондови кои ќе ги стави на располагање до одредено ниво на лица кои се пријавени за помош. Доколку тој број надмине 100, ќе ги активираат фондовите на Меѓународниот Црвен крст за итна помош, додава Тунева.
Најефикасна помош во овој момент за Укарина е финансиската , а граѓаните на Македонија може да донираат на следниов телефонски број од сите мобилни оператори: 143 000.
Лидер: Воениот конфликт во Украина го промени целокупниот општествен тек на настаните во светски размери. Првиот глас кој се слуша од Украина е “Помош“. Дали и на кој начин Црвениот крст на РСМ и помага на Украина?
-Отворена е сметката на солидарност за уплата на донации од физички и правни лица, како и телефон за донација од сите оператори 143 000. Со повик секој може да донира 100 денари. Во моментов најефикасна е донацијата во финансиска поддршка, бидејќи конвоите со помош во Украина не можат да влезат.
Црвениот крст во моментов прави регистрација на лицата од Украина. Досега се пријавени 20 лица, сите се сместени во Скопје кај свои роднини и пријатели.
Од наша страна, подготвени се мобилните тимови кои ќе бидат во контакт со овие лица и согласно нивните потреби ќе се обезбеди помош и поддршка (хуманитарна помош, медицинска заштита, психосоцијална помош и Служба барање).
Лидер: Каква е соработката со Владата на РСМ , вашата координација за состојбата со Украина? Дали ќе ги активирате стокови резерви за делување при итни состојби, кои ги договоривте минатата година преку Програма за соработка?
-Црвениот крст има свои фондови кои ќе ги стави на располагање до одредено ниво на лица кои се пријавени за помош. Доколку тој број надмине 100, ќе ги активираме фондовите на Меѓународниот Црвен крст за итна помош.
Соработката со институциите на системот е согласно оперативните процедури за реакција во ваков вид на активност.
Лидер:Дали во вашата хунманитарна организација се пријавуваат доброволци кои се подготвени да ја преминат границата и да делуваат во кризните региони? Какви се насоките кои ги добивате од Женева?
-Во моментов лицата кои работат во рамките на Црвениот крст во активностите во Украина и во околните држави, каде има најголем број на бегалци се регрутираат преку Меѓународниот Црвен крст и сите оние кои имаат капацитети и ги задоволуваат критериумите можат да се пријават директно во регионалната канцеларија во Будимпешта.
Лидер: Војната создаде и миграциона криза во Европа. Колку е Македонија подготвена да прими бегалци од Украина?
-Нашата држава согласно претходно поминатите кризи во регионот и мигрантската од 2015 година покажа дека може да помогне на лица во ваков ризик. Секако најважна е добрата координација на терен се со цел да има успешна активност.