Министерот за правда Никола Тупанчески не стравува дека ќе ја изгуби министерската функција, и покрај тоа што информациите што деновиве се шират во јавноста сугерираат на тоа дека потенцијалниот влез на Алијанса за Албанците (АА) во владејачкото мнозинство би значел и отстапување на министерствата за правда и здравство од страна на СДСМ и Алтернатива, за сметка на кадри на АА.
Прашан дали стравува дека ќе ја изгуби министерската функција, Тупанчески вели дека воопшто не се оптоварува со натамошниот развој на настаните во оваа насока.
-Не, тамам работа. Ниту јас како министер ниту Министерството за правда не сме оптоварени од ваквиот развој. Јас реков дека до последниот ден додека сме во Министерството за правда ќе го дадеме својот максимум. Не би сакал да го коментирам политичкиот или партискиот контекст, меѓутоа дефинитивно како Министерство и можеме да се пофалиме со остварените резултати и имаме одредена замисла како да ги заокружиме претходните наши замисли во однос на подобрување на состојбите во правосудството во нашата држава, истакна првиот човек на Правда.
И покрај тоа што вели дека не стравува од негова потенцијална смена од чело на Министерството за правда, Тупанчески вели дека брзата промени на министри не претставува најдоброто решение.
-Не сум сигурен дека брзата промена на министри претставува најдоброто решение, меѓутоа дефинитивно не сè зависи од Министерството за правда. Многу работи зависат од фактори што не се директно поврзани, за жал или можеби за среќа, со Министерството, додаде Тупанчески.
Сепак, истакна дека тој и Министерството се подготвени да одговорат на сите предизвици.
Според информации што се шират во јавноста, во понудата за влез на Алијанса за Албанците во Владата ќе бидат министерствата за правда и за здравство и во зависност од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ меѓу министерствата за образование, екологија и за земјоделство, едно ќе биде за Алијанса.
Сепак, ваквите информации се уште не се официјално потврдени ниту од Владата ниту од АА.
По вчерашната средба со премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека ги усогласиле околу 90 отсто од програмските определби, но додаде дека за кадровските решенија воопшто не станало збор. На прашањето дали добиле некаква понуда од Владата за распределба на ресори, Таравари рече дека за тоа воопшто не разговарале, но сепак потврди дека како партија имаат најдобри кадри за Министерството за здравство.