Турција го затвори својот воздушен простор за ерменските авиони како одмазда за подигањето споменик во Ереван за кој Анкара тврди дека им оддава почит на одговорните за убиствата на турски функционери, изјави денеска министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Чавушоглу за телевизијата НТВ изјави дека Турција ќе преземе дополнителни мерки доколку во главниот град на Ерменија не биде отстранет споменикот со кој се „слават“ Ерменците вклучени во убиствата на отоманските и азербејџанските функционери во 1920-тите и турските дипломати во 1970-тите и 1980-тите години.

– Не можеме да го прифатиме ова. Можеме јасно да видиме дека нивните намери не се добри, рече Чавушоглу.

Турција одлучи да ги забрани летовите за ерменските авиони во време кога двете земји, кои немаат дипломатски односи, водат преговори за нормализирање на односите по децениско непријателство.

Ерменија и Турција назначија специјални пратеници кои одржаа неколку рунди преговори, што резултираше со договор за обновување на чартер летовите меѓу Истанбул и Ереван.

Двете земји се непријатели повеќе од еден век поради смртта на околу 1,5 милиони Ерменци во масакри и депортации што започнаа во 1915 година во Отоманската империја.

Историчарите генерално ги означуваат тие настани како геноцид, на што Турција се противи. Иако не оспорува дека многу Ерменци загинале во тој период, Анкара инсистира дека тие загинале во немири и оти бројката од 1,5 милиони жртви е претерана.