Турската демократска партија ја напушта коалицијата со ДУИ и најавува независна политика, фокусирана на заштита на правата на турската заедница во државата
ДУИ губи уште еден коалициски партнер – Турската демократска партија (ТДП), објави дека ја завршува ја напушта коалицијата со ДУИ во „Европскиот фронт“. Веќе е сигурно, бродот на Европскиот Фронт тоне, а Ахмети губи веслачи.
Претседателот на ТДП, Зулфикар Зејнула, во интервју за порталот TimeBalkan изјави дека коалицијата со фронтот предводен од ДУИ е минато. Тој посочи дека партијата ќе се фокусира на заштита на интересите на турската заедница и изрази загриженост од сè поостриот политички дискурс на двата најголеми етнички блока во земјата.
„Одлуката за настап на изборите во 2024 година преку Фронтот беше резултат на тогашните политички околности и интересот на нашиот народ. Денес сме во нов процес,“ рече Зејнула.
Иако пратеникот на ТДП, Бејџан Илијас, сè уште формално е дел од пратеничката група на Фронтот, партијата разгледува нова политичка насока пред локалните избори.
„Немаме затворен став околу идниот коалициски партнер. Она што е важно е заштитата на правата и интересите на турската заедница. Нашата лојалност е кон принципите, не кон коалициите,“ додаде лидерот на ТДП.
Со ваквата одлука, ТДП ја напушта коалицијата со ДУИ и започнува процес на внатрешни консултации за дефинирање на идната политичка ориентација. Лидерот најави дека, доколку биде потребно, ќе се консултираат и со граѓаните.
Тој потенцираше дека ТДП ќе води независна, принципиелна и ориентирана кон решенија политика.
„Нема да бидеме структура што се движи во сенка на друга партија. Ќе го чуваме сопствениот идентитет, ќе одговараме пред својот народ и ќе делуваме независно – кога треба ќе критикуваме, кога треба ќе соработуваме,“ изјави Зејнула.
Лидерот на ТДП укажа и на три клучни прашања за турската заедница:
Образование на турски јазик – потреба од поголема застапеност во образовниот систем,
Вработување во јавниот сектор – подобра застапеност во институциите, согласно уставните пропорции,
Изборен модел – воведување една изборна единица за посилно претставување на малцинствата во парламентот.
„Овие три точки се наши црвени линии, затоа што директно се поврзани со идентитетот и иднината на турската заедница,“ истакна тој.
Зејнула испрати и порака за помирување до поранешни членови на ТДП:
„Имаше луѓе кои по различни причини се оддалечија од партијата. Во новиот период, ги повикуваме да се вратат – нивното место е во ТДП.“
Зулфикар Зејнула е избран за претседател на ТДП на 25 мај 2025 година, на 11. редовен конгрес во Скопје, каде што учествуваа тројца кандидати.