Американскиот претседател Доналд Трамп го повика турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган да ја прекине набавката на руска нафта, оценувајќи дека тоа би бил најважниот придонес на Анкара за запирање на војната во Украина.
Двајцата се сретнаа во Белата куќа, но разговорите завршија без ветување дека САД ќе ги укинат санкциите кон Турција или дека ќе ја вклучат повторно во програмата за набавка на борбените авиони „Ф-35“. Сепак, Трамп изрази оптимизам дека во иднина е можно решение за овие прашања.
„Нему му се потребни одредени работи, а и нам ни се потребни одредени работи. Ќе дојдеме до заклучок. Ќе знаете до крајот на денот“, изјави американскиот претседател.
Продажбата на „Ф-35“ на Турција беше стопирана во 2019 година, откако Анкара купи руски ракетни системи С-400. Американскиот закон за одбрана од 2020 дополнително го потврди ова ограничување, барајќи Турција да се откаже од руската опрема доколку сака да добие „Ф-35“.
Трамп оцени дека Ердоган има авторитет и кај украинскиот претседател Володимир Зеленски и кај рускиот лидер Владимир Путин, што, како што рече, му дава потенцијал да игра клучна улога во посредувањето.
„Би сакал Турција да престане да купува руска нафта додека Русија продолжува со својот поход во Украина. Тоа е најдоброто нешто што може да го направи“, нагласи Трамп.