Турција тврди дека не била цел на иранската ракета која беше соборена од системите за воздушна одбрана на НАТО над источниот Медитеран, наведувајќи дека ракетата најверојатно била насочена кон грчкиот дел од Кипар.
Турски функционер изјави дека ракетата лансирана од Иран била пресретната додека се движела кон турскиот воздушен простор, но според проценките на Анкара, вистинската цел била друга локација.
„Веруваме дека Иран целел база во грчки Кипар, но таа отстапила од својот курс“, изјавил турски дипломатски функционер, пренесува „Катимерини“.
Претходно турското Министерство за одбрана соопшти дека ракетата прелетала над Ирак и Сирија пред да биде соборена од воздушните и ракетните одбранбени системи на НАТО стационирани во источниот Медитеран.
Немаше непосреден коментар од САД, кои располагаат со воздухопловни сили во базата Инџирлик во јужна Турција, во близина на покраината Хатај, каде што турските власти соопштија дека паднале остатоците од пресретнатата ракета.
Од турското Министерство за одбрана порачаа дека внимателно ја следат ситуацијата и дека ќе продолжат со консултации со сојузниците.
„Ги предупредуваме сите страни да се воздржат од дејствија што дополнително би го ескалирале конфликтот во регионот. Во овој контекст, ќе продолжиме со консултациите со НАТО и нашите други сојузници“, се наведува во соопштението.
Како што беше соопштено, во инцидентот немало жртви или повредени.
„Сите потребни чекори за одбрана на нашата територија и воздушен простор ќе бидат преземени решително и без двоумење. Ги потсетуваме сите страни дека го задржуваме правото да одговориме на какви било непријателски дејствија против нашата земја“, додаваат од Министерството.
Во меѓувреме, Анкара го повика иранскиот амбасадор на разговори. Според дипломатски извори, амбасадорот бил повикан во турското Министерство за надворешни работи во Анкара за да се изрази официјален протест поради испуканата балистичка ракета која влезе во турскиот воздушен простор.
