Американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба тешка 10 милијарди долари против Би-Би-Си, обвинувајќи ја британската јавна телевизија за клевета и измамнички и неправични трговски практики.
Во тужбата од 33 страници, поднесена во суд во Флорида, Би-Би-Си се обвинува дека емитувал „лажен, клеветнички, измамнички, омаловажувачки, провокативен и злонамерен приказ на претседателот Трамп“, што се опишува како „дрзок обид за мешање и влијание врз претседателските избори во САД во 2024 година“.
Според наводите, Трамп бара пет милијарди долари отштета за клевета и уште пет милијарди долари за нефер трговски практики.
Во тужбата се наведува дека Би-Би-Си споил два сосема одвоени дела од неговиот говор од 6 јануари 2021 година, со цел, како што се тврди, „намерно погрешно да го претстави значењето на она што го кажал Трамп“.
Телевизиската куќа соопшти дека ќе се брани во судската постапка.
Би-Би-Си минатиот месец му се извини на Трамп за начинот на кој бил монтиран говорот, но ги отфрли тврдењата за клевета. Во почетокот на ноември оставки поднесоа генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, и извршната шефица на вестите, Дебора Тарнес.
Контроверзата се однесува на документарецот „Трамп: Втора шанса?“, кој Би-Би-Си го емитуваше неколку дена пред претседателските избори во САД во 2024 година.
Во филмот биле споени три цитати од два различни делови од говорот на Трамп во 2021 година, изговорени со временска разлика од речиси еден час, прикажани како еден цитат. Во него, Трамп ги повикува поддржувачите да маршираат со него и „пеколно да се борат“, додека делот во кој тој вели дека сака протестите да бидат мирни бил изоставен.
Трамп поднесе тужба против Би-Би-Си
