Националниот суд на Шпанија ја прифати тужбата против познатиот шпански пејач Хулио Иглесијас. Постапката се води по пријава поднесена од две негови поранешни работнички поради наводно нанесување телесни повреди и понижувачко однесување.
По ваквата одлука, надлежниот судија Антонио Пиња отвори кривична истрага против музичката ѕвезда. Со судска наредба е одредено пејачот лично да се појави на сослушување пред судските власти на трети февруари, при што судот констатираше законска должност за постапување по пријавата.
Минатиот месец, Националниот суд и Шпанското обвинителство донесоа одлука повторно да ја активираат постапката. Ова следуваше откако претходно, во јануари, случајот беше сопрен од страна на обвинителството со образложение за ненадлежност врз предметот.
Случајот беше официјално пријавен на почетокот на годината со правна помош и поддршка од организацијата „Вуменс Линк Ворлдвајд“, по што институциите отворија кривична постапка за расчистување на настаните.
„Меѓу приложените докази беше и фотографија од една од поранешните вработени, на која се забележува модринка на раката која би можела да биде последица од силно стискање. Исто така, на фотографијата се видливи и две траги на бутот кои наликуваат на траги од човечки каснувања“, изјави судијата Пиња.
„Повредите настанаа за време на сексуалниот чин на кој бев принудена“, се наведува во тужбата.
