Компанијата наведе примери за “добри ботови“, какви што се профилите што можат да ви помогнат да закажете вакцинација или профилите што предупредуваат на природни и други катастрофи. Како што истакнуваат од компанијата идејата е дека оваа информација ќе овозможи поефикана комуникација со ваквиот тип профили – “Кога знаете дека овие профили се автоматизирани, подобро ја разбирате нивната цел кога комуницирате со нив“.

Првично, за време на тест-фазата, мал број програмери ќе бидат поканети да применат ознаки за автоматските сметки што ги поставуваат и одржуваат, за до крајот на годината новата функција да стане достапна за сите развојни инженери. Кај тест-сметките кои имаат активирани ознаки, на страницата на профилот и на самите твитови ќе се појави ознаката Automated. Меѓутоа, овие ознаки нема да бидат задолжителни.

Во меѓувреме, компанијата ќе продолжи со отстранување на не-автентичните профили за кои смета дека ги прекршуваат правилата на платформата. Имено, ботовите честопати се поврзуваат со пласирање на дезинформации на платформата и претставуваат голем проблем за компанијата. Имено, едно истражување на Универзитетот Карнеги Мелон спроведено минатата година покажа дека речиси половина од профилите  на Твитер што објавуваат информации на платформата во врска со ковид пандемијата се веројатно автоматизирани профили.

Изминативе години Твитер отстрани десетици милиони сомнителни “бот” профили. Но, и покрај ова, во Твитер веруваат дека некои автоматизирани профили имаат позитивно влијание врз платформата. Една таква сметка, која беше прикажана како „добар бот“, објавува твитови во живо секој пат кога во Сан Франциско има земјотрес.

Во Твитер веруваат дека со ознаките на “бот профилите” ќе ја зголемат нивната легитимност и ќе изградат доверба и транспарентност кај нивната публика.