Осумнаесетгодишник од тетовското село Палатица е приведен под сомнение дека во повеќе наврати испраќал лажни дојави за бомби во основни и средни училишта во Тетово, соопшти полицијата. Иако по проверките било утврдено дека дојавите се лажни, наставата била прекинувана, а кај граѓаните била предизвикана вознемиреност.

„На 27.02.2026 во 09:10 часот во село Палатица, Тетовско, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р. (18) од село Палатица. Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи. По преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни“, информираа од СВР Тетово.

Со судска наредба бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди. Осомничениот е приведен во полициска станица, а по целосно расчистување и документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.