Еден човек е уапсен во врска со пожарот што целосно ја уништи салата на Националното собрание во јужноафриканскиот главен град Кејптаун, каде што заседаваат пратениците. Осомничениот ќе се појави на суд во вторник, соопшти полицијата.
– Маж е уапсен во зградата на Парламентот и тој се уште е на распит. Покренавме кривична постапка против него. Тој е уапсен и ќе се појави на суд во вторник, изјави портпаролката на полицијата Танди Мбамбо.
Пожарот првично избил во најстарото крило на собранискиот комплекс, изградено во 1884 година, каде се наоѓаат простории со дрвени предмети, а потоа се проширил во поновите делови од комплексот, кои моментно се користат. Историската зграда содржи колекција од ретки книги и оригиналната копија на поранешната национална химна на земјата, користена за време на ерата на апартхејдот, „Die Stem van Suid-Afrika“ („Гласот на Јужна Африка“), која веќе е оштетена.
Пожарникарите се бореле со огнот неколку часа пред да бидат принудени да се повлечат и да повикаат засилување. Подоцна се испратени околу 70 пожарникари, некои користеле кран за да прскаат вода врз пламенот. Внатре во просториите од поткровјето до подот, кој веќе е покриен со отпадоци, паѓаа дожд од сив пепел.
Службите за итна помош соопштија дека стравуваат пожарот да не се прошири брзо кон старите простории украсени со дрво, дебели килими и завеси. Претходно била прикажана снимка како огромен пламен излегува од покривот на законодавниот дом.
Областа околу пожарот во елитниот кварт брзо била блокирана.
Од Парламентот на Јужноафриканската република е соопштено дека нема повредени во огнената стихија. Собранието во моментов не заседава поради празниците.