Денеска, под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, беше спроведена акција под кодното име „Ланец“. Во акцијата беа приведени две лица, меѓу кои и еден полициски службеник, осомничени за неовластено производство и трговија со кокаин, согласно член 215 од Кривичниот законик.
Кокаин од Гостивар до Скопје: полициски службеник вмешан во мрежа за дрога
Според обвинителството, осомничените лица се здружиле и организирале нелегална трговија со кокаин на територијата на Гостивар, Тетово и Скопје. Од декември минатата година, тие во повеќе наврати купувале кокаин од НН лица и го чувале на безбедни локации. Полицискиот службеник играл клучна улога, контактирајќи со купувачи и договарајќи ја количината и цената на кокаинот.
Спакуваниот кокаин се продавал во мали пакувања со нето маса од 0,50 грама до 1 грам, а цената по пакување варирала од 2.500 до 6.000 денари, зависно од грамажата. Средствата од продажбата осомничените ги делеле меѓусебно.
Јавниот обвинител бара притвор за осомничените поради трговија со кокаин
Обвинителството поднесе предлог за мерка притвор, посочувајќи дека постои опасност од бегство и обиди за уништување на доказите. Дополнително, постои основан страв дека осомничените би можеле да влијаат врз сведоците и соучесниците, како и да го повторат кривичното дело. Барањето за притвор беше доставено до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.