Поранешниот украински министер за енергетика Герман Галушченко е уапсен додека се обидувал да ја напушти земјата, соопштија антикорупциските власти во Киев. Тој претходно беше разрешен од функцијата поради сомнежи за корупција.
Според украинските медиуми, Галушченко бил приведен ноќта на 15 февруари на границата, кога службеници од Националното антикорупциско биро (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САП) го симнале од возот и го привеле. За случајот известија „Украинска правда“ и „РБК Украина“, повикувајќи се на извори во истрагата.
Од НАБУ и САП соопштија дека истрагата се однесува на сомнежи за поткуп и проневера од големи размери, поврзани со средства од државна компанија.
Во ноември, украинските антикорупциски истражители подигнаа обвиненија против група владини функционери од потесниот круг на претседателот Володимир Зеленски, под сомнение дека проневериле средства од државната компанија „Енергоатом“. Средствата, според истрагата, биле наменети за изградба на заштитни објекти околу енергетските постројки.
Галушченко беше принуден да поднесе оставка по обвинувањата. Според медиумските извештаи, Тимур Миндич, близок сојузник на Зеленски, претходно успеал да ја напушти земјата. Подоцна претседателот ја реконструира владата и го разреши шефот на кабинетот Андриј Јермак.
