Џонатан Андик бил единствениот сведок на трагедијата
Шпанската полиција денеска го уапси Џонатан Андик, син на починатиот основач на модниот бренд Mango, под сомнение за можна вмешаност во смртта на неговиот татко.
Станува збор за Исак Андик, кој во декември 2024 година загина при пад од карпа висока околу 150 метри, за време на планинарење во близина на Барселона. Во моментот на несреќата со него бил неговиот син Џонатан, кој бил единствениот сведок на настанот.
Првичната истрага била затворена неколку недели по трагедијата, но случајот повторно бил отворен во март 2025 година. Во октомври истата година, шпанските власти официјално потврдиле дека смртта на милијардерот се третира како можно убиство.
Истрагата се води во Марторељ
Портпарол на регионалната полиција соопштил дека Џонатан Андик денеска бил изведен пред суд во Марторељ, каде што се води истрагата за случајот.
Џонатан Андик е најстариот син на основачот на „Манго“ и во компанијата ја извршува функцијата потпретседател на Управниот одбор.
Модната куќа Mango е еден од најголемите европски малопродажни синџири. Компанијата има речиси 2.900 продавници во 120 држави ширум светот. Првата продавница била отворена во Барселона во 1984 година, а според финансиските извештаи, во 2025 година брендот остварил приход од близу 3,8 милијарди евра.
