Полицијата денеска привела 55-годишна скопјанка поради лажна пријава за поставени бомби во скопски училишта. Како што соопштија од МВР, жената, за која е наведено дека има здравствени проблеми, вчера од мобилен телефон се јавила во Управата за финансиско разузнавање во Скопје и пријавила дека се поставени експлозивни направи во скопски училишта.
„Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни мерки и активности и утврдено е дека пријавата е лажна, а А.К. (лице со здравствени проблеми) е пронајдена и приведена“, соопштија од МВР.
Оттаму велат дека за случајот е известен јавен обвинител, а по документирањето на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во моментов училиштата се празни поради зимскиот распуст, но тие беа главна мета на слични дојави, испраќани главно по електронски пат во изминатите два и пол месеци. Полицијата досега приведе неколкумина кои ги сомничи за „тероризам“ поради лажни дојави за бомби во училишта.
Покрај училишта, на мета на вакви дојави, кои бараа целосна евакуација на присутните додека проверуваше полицијата, во повеќе наврати беа и трговски центри, станбени згради, но и стратешки објекти како Железницата, Аеродромот, Народната банка, Министерството за надворешни работи.
Најголемиот дел од овие случаи не се расветлени од полицијата.