Уапсена е скопјанка кај клучката за Прдејци, а мигрантите се сместени во транзитниот центар „Винојуг“

На 15.08.2025 година во 19:20 часот, на автопатот „Пријателство“ кај клучката за селото Прдејци, уапсена е скопјанка од страна на полициските службеници од ПСГН „Богородица“.

Станува збор за М.П. (39), која управувала патничко моторно возило марка „Шкода Октавија“ со скопски регистарски таблички. При контрола било утврдено дека во возилото се превезувале шест лица мигранти од Египет, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Претходно, полициските службеници во селото Богородица забележале мигранти како влегуваат во возилото. Веднаш биле преземени мерки, возилото било сопрено, и уапсена жената која го управувала.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Шестмината мигранти се пренесени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, нагласуваат од Министерството за внатрешни работи.