Српското Обвинителство за организиран криминал соопшти дека се уапсени 13 лица осомничени за меѓународна трговија со дрога.
Осомничените биле уапсени на територијата на Белград, Ниш, Лазаревац, Суботица и Зрењанин.
Началникот на криминалистичката полиција Нинослав Цмолиќ изјави дека уапсените се сомничат дека се „најголеми трговци со кокаин на Балканот“.
Тој рече дека „балканскиот картел“ бил разоткриен со помош на Европол.
Според Цмолиќ, се верува дека тој картел „стои зад повеќетонските пратки на кокаин кои во Европа пристигнувале од Колумбија, Бразил, Еквадор, но и преку западна Африка“.
Двајца од уапсените се сомничат дека се организатори на криминалната група, а другите 11 дека се водачи на независни ќелии на криминалната организација.
Цмолиќ рече дека клучните информации за разоткривање на картелот биле од мобилната апликација Скај.
„Најмалку седум тони запленет кокаин во текот на 2020 година го доведуваме во врска со денеска уапсените водачи и претходно уапсените членови на споменатиот картел“, рече тој.
Според него, сегашните информации покажуваат дека „балканскиот картел“ функционирал самостојно, а истрагата треба да покаже дали бил поврзан со други картели.
Истрагата е во тек, а се вршат претреси на повеќе локации во Србија.
Оваа криминална група наводно ја сочинуваат 20 лица. Од седумтемина кои не се уапсени, двајца се во затвор или притвор според решенија на Холандија и Перу, еден е во притвор за друго дело во Ниш, а четворица се во бегство, соопшти обвинителството за организиран криминал.
Заплените на кокаин, кои се доведуваат во врска со картелот, биле надвор од Србија. Најголемата заплена, околу 5 тони кокаин, бил на островот Аруба во Карипското Море, 1,2 тони кокаин биле запленети во Белгија, а 743 килограми во Холандија.