Полицијата уапси пет лица кои користеле сексуални услуги од малолетничка на различни локации. Лицата се гонат под сомнение за „трговија со дете“ и против нив е поднесена кривична пријава.
-На 14 јануари годинава, Националната единица за сузбивање на шверцување мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, реализираше случај за сторено кривично дело „трговија со дете“, извршено од страна на пет лица, соопштуваат од МВР.
Имено, В.Д.(39), К.Р.(24), В.Б.(26) и А.Д.(23) од Кавадарци и Н. И (21) од Неготино, во временскиот период од август до 19 септември 2022 година го сториле кривичното дело така што користеле сексуални услуги од малолетничка на различни локации, за паричен надоместок од 1000 до 2000 денари. М.К.(20) со употреба на физичка сила и закани, како и психолошко насилство, ја принудувал малолетничката на вршење полови дејствија и давање сексуални услуги на петте пријавени лица.
-За М.К од страна на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција во моментот се спроведува истрага за сторено кривично дело „Трговија со дете“ (чл. 418-г од КЗ), известуваат од полицијата.
Од МВР соопштуваат дека, врз основа на издадени судски наредби од Основен кривичен суд Скопје, на 14 јануари годинава, на подрачјето на Кавадарци, бил извршен претрес во дом и други простории кај пријавените, при што петте лица се лишени од слобода.
Против нив од страна на Националната единица за сузбивање на шверцување мигранти и трговија со луѓе до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 14.01.2023 година е поднесена кривична пријава против петте лица за сторено кривично дело „трговија со дете“ предвидено и казниво во член 418-г став 3 од Кривичниот законик.