Новинарите беа уапсени поради постоење на „договор со странска земја со цел да се загрози националната безбедност“, соопшти полицијата.
Во претресот на канцелариите на весникот учествуваа околу 500 полицајци, со тврдењето дека неговите извештаи го кршат Законот за национална безбедност, пренесе денеска Би-Би-Си.
Во акцијата е замрзнат и имот и актива во вредност 2,3 милиони долари, сопственост на три компании поврзани со „Епл Дејли“. Весникот е во сопственост на Џими Лаи, кој е во затвор по повеќе обвиненија.
Познато е дека весникот „Епл Дејли“ е критички настроен кон кинеското државно раководство.
На брифинг со новинарите, полицијата соопшти дека од 2019 година „Епл Дејли“ објавил повеќе од 30 написи во кои се повикуваат земјите да воведат санкции против Хонг Конг и континентална Кина.
Петмината уапсени лица се на водечки позиции во компанијата „Некст Диџитал“, матичната компанија на весникот.
Политичката атмосфера во Хонг Конг, поранешна британска колонија, значително се влоши по репресиите врз демократското движење, кое во 2019 година масовно го мобилизираше населението на улиците на градот во знак на протест против влијанието на централните власти од Пекинг.
Локалните власти тогаш го усвоија Законот за национална безбедност во кој се наведува дека во Хонг Конг можат да владеат само „патриоти“.
Законот, што предвидува и казна доживотен затвор, ги таргетира кривичните дела поврзани со отцепување, субверзија, тероризам, но поради некои нејасни текстови, властите го користат и за казнување на неистомислениците.