Уапсени тројца Бугари со возила полни традиционални македонски носии
Во Демир Хисар вчера напладне полицијата приведе тројца државјани на Бугарија под сомнение за кражба и нелегално изнесување предмети од македонското културно наследство. Приведувањето е извршено околу 11:50 часот на улицата „Вељко Влаховиќ“, каде полициски службеници од ОВР Демир Хисар ги запреле А.К. (44), К.К. (48) и В.Г. (50).
Пронајдени автентични носии од XIX и почетокот на XX век
Двајцата осомничени биле во „Фолксваген Голф“ со бугарски регистарски таблички, додека третиот управувал комбе „Пежо Боксер“, исто така со бугарски ознаки. При преглед на возилата, полицијата открила значителна количина делови од традиционални македонски носии – везени елеци, појаси, накит и други елементи, за кои осомничените не поседувале документација за потекло. Етнолог од Народниот музеј во Битола извршил стручна проценка и утврдил дека предметите се оригинални носии од XIX и почетокот на XX век, кои претставуваат културно наследство под посебен режим на државна заштита.
Кривични пријави по целосно документирање на случајот
Тројцата Бугари се задржани во полициската станица, а по координација со јавниот обвинител ќе биде поднесена кривична пријава за „кражба“ и „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, согласно член 262 и член 267 од Кривичниот законик. Предметите се обезбедени, а истрагата продолжува.
