Резултатите од првиот круг на локалните избори јасно покажуваат дека граѓаните го избрале ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата како своја опција, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во општина Лозово во рамки на изборната кампања, повикувајќи ги граѓаните за поддршка во вториот круг од локалните избори.

Мицкоски изрази поддршка за кандидатот и актуелен градоначалник на Лозово, Бошко Цветковски, за кого рече дека е „трудољубив млад човек, прекрасна личност и голем Македонец“. Тој додаде дека Цветковски ја има неговата лична и недвосмислена поддршка, како и поддршката од Владата, со која, како што рече, ќе се реализираат бројни проекти во општината.

Според него, партијата веќе обезбедила победа во 33 општини, а во уште 26 е во водство или блиску до победа.

-Очекувам дека на крајот од овие избори, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе имаат 59 градоначалници, рече тој, додавајќи дека во 58 општини коалицијата победила и на советничките листи, обезбедувајќи мнозинство во советите.

Мицкоски ги повика граѓаните на масовна излезност во вториот круг, нагласувајќи дека изборот е јасен, поддршка за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ или, како што рече, враќање на коалицијата која „седум години ја ограбуваше и понижуваше Македонија“.