Во руското гранатирање на Мариупол загина 14-годишно девојче кое освоило златни медали на украинското национално првенство како кревач на тегови, соопшти градскиот совет на тој разурнат град.

Алина Перегудова била кандидат за украинската репрезентација и сакала да ја претставува својата земја на највисоко спортско ниво.

„Тој „руски мир“ што пристигна ја ослободи од иднината“, се вели во пораката на Телеграм на градскиот совет на Мариупол.

„Оваа многу надежна спортистка од регионот на Доњецк загина за време на непријателското гранатирање“, се вели во соопштението, додавајќи дека во нападот била убиена и нејзината мајка.

Алина била студент на Специјализираниот спортски колеџ во Доњецк и Олимпискиот колеџ Сергеј Бубка.

„Таканаречениот „руски мир“ убива. Мариупол и светот никогаш нема да ги заборават злосторствата на Русија против човештвото“, се вели во соопштението на Советот.

Украинското Министерство за физичка култура и спорт објави: „Тешко е да се најдат зборови кои би го пренеле нашето најдлабоко сочувство до сите оние кои ја познаваа“.