Трагичниот случај во скопски Карпош, во кој згаснаа два животи – млада мајка и нејзината шестгодишна ќеркичка – ја потресе јавноста. По настанот, член на семејството се огласи на социјалните мрежи со порака во која обвинува дека институциите потфрлиле.

Братот на жената, односно вујко на малото девојче, Александар Стојаноски, преку јавна објава се обрати во име на семејството.

Ова е неговата објава во целост:

„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство

Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем … После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.

Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!

Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!

Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам

Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем!“