Тројца турски државјани се осудени на по пет години затвор за помагање во убиство извршено во мај 2025 година во кафуле на штипскиот плоштад „Слобода“, додека четвртообвинетата доби три месеци затвор, соопшти Основниот суд во Штип. Судот донесе пресуда и мерка трајно протерување од земјата по издржувањето на казната.

Осудени се Рамазан Аџет, Селахадин Арслан и Осман Метихан Кулдруд, кои му помогнале на Кадир Кара при извршување на убиството. Судечкиот судија Јулијана Недкова рече дека во казната им се пресметува времето поминато во притвор од 5 мај 2025 година, а по издржувањето на казната ќе бидат протерани од државата засекогаш.

Четвртообвинетата доби три месеци затвор, кои ги издржала со притвор и куќен притвор.

Кадир Кара, кој ја признал вината за убиството, претходно е осуден на 17 години затвор и протерување од државата по издржувањето на казната.

Според обвинението, на денот на убиството околу 18.30 часот, тројца од обвинетите го превезле Кара со автомобил од Скопје до Штип. Тој претходно преку социјални мрежи договорил средба со жртвата во „Вами кафе“ на градскиот плоштад. По кратко задржување, Кара отишол до тоалетот, се вратил со пиштол и испукал шест куршуми кон 25-годишен студент, кој починал во болница од обилно крварење.

По убиството, групата се обидела да ја избегне полициската потрага и повикала студентка по медицина од Штип да ги превезе назад во Скопје. Таа, иако знаела дека е извршено убиство, прифатила да им помогне.