Швајцарската банка УБС ја презема конкурентската Кредит Свис. Швајцарската централна банка гарантира за преземањето со 100 милијарди франци. Тоа е најзначајна банкарска фузија во Европа од финансиската криза досега.
Големата швајцарска банка УБС ќе ја преземе ривалската Кредит Свис која западна во длбока криза, соопштуваат од Сојузниот совет, како и претставници на двете институции и нивните надзорни одбори. И швајцарската надзорна управа Финма се согласи со преземањето. Досегашниот шеф на управниот одбор на Кредит Свис, Колм Келехер, ќе стане претседател на новата банка, додека шефот на УБС, Ралф Хамерс, ќе стане нејзин извршен директор.
УБС ќе ја преземе Кредит Свис за цена од три милијарди франци, кои ќе бидат платени со сопствени акции. Акционери на Кредит Свис со тоа за 22,48 акции на својата банка ќе добијат 1 акција на УБС. Кредит Свис ја има изгубено довербата на финансиските пазари, рече швајцарскиот претседател Алан Берсе на краткорочно закажана предконференција. Преземањето од страна на УБС е најдоброто решение за повторно да се воспостави доверба, оцени тој. Берсе додаде дека тоа не е „од клучно значење” само за Швајцарија, туку и за целосниот глобален финансиски систем.