Со доделување на минатогодишните свидетелства и со реформирани учебници, ќе започне новата учебна година, пренесува „Слободен Печат“.

Од Министерството за образование (МОН) се децидни, учебната година ќе започне со физичко присуство на сите ученици освен оние за кои родителот поднел барање за онлајн настава. Целосна онлајн настава, или хибридниот модел што подразбира ротација на учениците – дел од дома, дел онлајн, ќе се применува доколку здравствените власти оценат дека состојбата се влошува.

Во меѓувреме, свидетелствата за минатата учебна година веќе се дистрибуираат по училиштата и се очекува деновиве да бидат доделени на основците и на средношколците, соопштија од Бирото за развој на образованието (БРО). Во јуни, заради ковид-пандемијата, свидетелства добија само најприоритетните: полуматурантите, матурантите и учениците што требаше да заминат во странство. Од Бирото претходно појаснија дека училиштата ќе добијат свидетелства во периодот од 17 до 20 август, а датумот на доделување ќе го одредат училиштата или општината.

– Според протоколите што ги добивме од Министерството за образование и наука, свидетелствата на учениците ќе се издаваат во период од 25 август до 1 септември, во претходно утврден распоред и час, а според протоколите за заштита од ковид-19. Воедно Ве известуваме дека на учениците од четврта година веќе им се дадени свидетелствата, поради упис на факултети – одговорија од гимназијата „Орце Николов“  за “Слободен Печат”.

Драган Арсовски, директор на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, во изјава за „Слободен печат“ информира дека свидетелствата се изготвуваат во моментов и ќе бидат доделени најдоцна до 27 август. Тој смета дека групирањето на учениците ќе биде предизвик со кој не треба да се справуваат само училиштата.

Целиот текст прочитајте го на Слободен Печат.