Според календарот на МОН за организација на наставата, во училишните клупи треба да се вратат на 20 јануари за да ја продолжат учебната 2021/2022 година.

Поместување на зимскиот распуст односно одложување на почетокот на второто полугодие засега не се планира зашто, според надлежните, состојбата со КОВИД-19 и натаму е стабилна, иако сојот омикрон е потврден и во земјава, а според експертите тој побргу се шири.

По препорака на Комисијата за заразни болести и со одлука на Владата, учебната 2021/2022 на 1 септември почна со отворени училишта и настава со физичко присуство за сите ученици организирана според утврдени антиковид-протоколи. Исклучок се учениците ослободени со медицински потврди.

Во повеќе наврати ресорната министерка Мила Царовска информираше дека состојбата во училиштата е стабилна и дека според податоците кои МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со КОВИД-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 отсто.