Поради високиот број заразени со коронавирус во Тетово и Гостивар, Комиисјата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември.
На седница во вторникот Владата ги усвои Планот за одржување на наставата и протоколите за постапување на основните и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство.
Ослободени може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини со дозвола на училиштето.
Враќање на сите ученици во училишните клупи е прво од трите сценарија што пред два месеца ги подготви Министерството за образование и наука. Според МОН, тоа е и најпосакувано сценарио зашто е во интерес на учениците и е препорачано од УНИЦЕФ и ОЕЦД.
Доколку се влоши епидемиолошката состојба и се зголеми ризикот од ширење на заразата, ќе се премине на друг модел на настава односно ќе се примени некое од двете резервни сценарија – второто е комбинирана настава со наизменично ротирање на две групи ученици – онлајн и со физичко присуство, и третото сценарио е модел на настава како минатата учебна година – едни ученици да бидат во училиштата, а други постојано да следат настава на далечина.
За евентуална промена на моделот на наставата ќе одлучи Комисијата за заштита од заразни болести и МОН ќе постапи по нејзините инструкции. Но, министерката Мила Царовска е уверена дека училиштата ќе останат отворени зашто и минатата учебна година, кога 40 отсто од учениците следеле настава со физичко присуство, во нив немало ширење на заразата. Според Царовска, за да бидат безбедни ќе придонесе почитувањето на здравствените протоколи и вакцинацијата на вработените во училиштата.
Во учебната 2021/2022 новина е воведувањето на Концепцијата за основно образование усвоена во март годинава. Најпрво ќе почне да се применува во прво и во четврто одделение, за кои новите наставни програми по сите предмети се веќе изработени од Бирото за развој на образованието.
Планот на МОН е етапно да биде воведена во другите одделенија и за пет до шест години деветгодишното основно образование да биде целосно реформирано.
Согласно Концепцијата, годинава треба да почне и дигитализацијата односно употреба на дигитални учебници – најпрво во четврто одделение, кои ќе може да се преземат од платформите. Набавени се десет илјади таблет-компјутери, наменети пред сè за чевртоодделенците од семејства во социјален ризик, за да може да ги користат учебниците со мултимедијални содржини. Според предложениот закон, за учениците до трето одделение и натаму ќе се користат печатени (хартиени) учебници.
МОН соопшти дека сите учебници и материјали за учење се дистрибуираат до училиштата и учениците ќе ги добијат до крајот на неделава.