Обвинителството бара подготвителна постапка за малолетници
Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка против вкупно пет деца во судир со законот, поради постоење сомнение за сторено кривично дело „Насилство“ од член 386 од Кривичниот законик.
ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Ученици во Сарај со боксови и клоци се тепаат во училишниот двор
Грубо насилство во дворот на основно училиште
Станува збор за малолетници на возраст од 14 и 15 години, заедно со уште едно дете кое не наполнило 14 години и не може кривично да одговара, кои како група извршиле грубо насилство врз двајца други 14-годишници. Настанот се случил на 12 декември во дворот на ОУ „Дитурије“ во Сарај, кога жртвите, на излез од училишниот двор, биле пресретнати и удирани со тупаници и клоци по главата и телото.
Тешки телесни повреди и предложени мерки на претпазливост
Како последица на нападот, едното оштетено дете се здобило со површинска рана на главата, додека другото претрпело тешки телесни повреди, меѓу кои контузија на главата, скршеница на носот и хематоми по телото. Со насилството било предизвикано чувство на несигурност и страв и кај други деца кои во тој момент го напуштале училиштето. Имајќи ја предвид возраста на децата во судир со законот и потребата од непречено водење на постапката, јавниот обвинител предложил мерки на претпазливост, меѓу кои јавување во суд, одземање патна исправа и забрана за приближување и контакти со оштетените деца.
