Школскиот прибор е голем товар за семејниот буџет, особено за родителите кои испраќаат деца во прво одделение. Владата најави и реализира поевтинувања на тетратки, блокови, бои, гуми, моливи, острилки и целокупниот прибор што им е потребен на учениците за новата учебна година, пишува „Алфа ТВ“.
Граѓаните, во најголем дел, велат дека мерката „училишна кошничка“ е повеќе од добредојдена.
„Асортиманот е супер, купив сè што треба за внучињата, така да ок е. Дечките беа супер, љубезни. И еве, мислам дека е потврдено дека стварно има попуст,“ изјави една граѓанка.
Друг соговорник додаде: „Да, нормално е дека е поевтино, нормално е дека има поевтинување во цените и олеснување нели во домашниот буџет севкупно гледано. Секоја помош е добредојдена.“
Имаше и граѓани со поинаков став: „Мислам дека не се поевтини. Ма да, намалување за 10 или 15 посто, тоа е смешно.“
При обиколката низ скопските книжарници беа забележани налепниците „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како и јасно истакнати попусти.
Од Министерството за економија соопштија дека преку Државниот инспекторат ја следат примената на оваа мерка. Според податоците, досега се спроведени повеќе од 100 надзори во над 300 објекти, меѓу кои книжарници, маркети и трговци на големо.
„Според досегашните контроли, мерката генерално се почитува, со мали забелешки кои се коригираат на лице место. Не се утврдени прекршувања за кои би се изрекле казни. Целта е да обезбедиме пристапни цени на најпотребните училишни производи за родителите и учениците, и ќе продолжиме со редовни контроли сè до завршување на периодот на нејзино важење,“ информираа од Министерството.
Мерката „училишна кошничка“ се спроведува по вторпат. Минатата година, според институциите, таа им заштеди на родителите најмалку илјада денари по ученик.