Учениците безбедно напуштија училишните објекти, полицијата ја проверува состојбата
Во повеќе основни училишта во Куманово попладнево биле примени дојави за наводно поставени бомби, по што учениците веднаш биле евакуирани.
„Дојавата за бомба пристигнала по електронски пат нешто после 17 часот. Од училиштата веднаш повикале полиција, која бргу пристигнала на местото. Учениците се евакуирани безбедно, а службите сега ја проверуваат состојбата“, изјави раководителот на Секторот за образование Александар Јовановиќ.
Секторот за образование од Општина Куманово апелира до граѓаните да останат смирени и да им дозволат на надлежните да ги завршат проверките без дополнителни инциденти.
