Мислам дека во проценката на МВР е дека некои безбедносни активности ќе се зајакнат. Една од препораките беше сите родители да се запознаат со кривичниот законик, каде што има одговорност во начинот, пред и после наставата, одговорност до одредена возраст паѓа и кај родителите. МВР во сите ситуации со службите во наредниот период ќе изработи препораки кои ќе бидат повнимателни во делот на безбедноста, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири на дебатата „Насилството кај децата“ што се одржа на Филозофскиот факултет на која беа поканети и ученици за да ја отсликаат состојбата во училиштата.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот кажа дека откриле и 2-3 случаи на булинг кои училиштето не ги пријавило иако ученици се пожалиле.

– Има и такви случаи, не можеме да кажеме дека нема. Има случаи во кои е пријавено дека 2-3 пати од страна на училиштето не е проценето дека треба да се пријават. За сите пријави, без разлика какви се, има посебен сектор во МОН со повеќе од петмина членови кои ги повикуваат службите во училиштата. За да ја потврдиме ситуацијата никогаш не кажуваме податоци кој го пријавил случајот, дали трета страна, дали родител. По доаѓање на службите, од сите училишта се бара што имаат постапено законски, дали е пријавен случајот, дали се известени родителите и по тие записници ние постапуваме. Значи, за секој случај Министерството веднаш постапува, но не само Министерството, туку и другите институции. Постапува Министерството за труд и социјална политика, но и Министерството за внатрешни работи. Веднаш стапуваат во контакт со родителите и со детето – рече министерот Шаќири.

На мејл адресите на кои може да се пријавува насилство во училиштата, досега се стигнати повеќе од 20 пораки.

– И до граѓаните и до медиумите повикувам, кога зборуваме за насилство, имаме ситуација која е позитивна. Да ги искористиме и добрите и лошите искуства – кажа Шаќири.