Падна организирана рекетарска банда од Арачиново
Организирана рекетарска банда со години изнудувала пари, односно вршела рекет. Стотици илјади евра биле исцицани преку страв, уцени и притисоци – но денес сето тоа заврши.
Бирото за јавна безбедност ја изведе акцијата прецизно и без двоумење. Осомничено лице е фатено во моментот на примопредавање на 165.000 евра – средства кои, според истрагата, произлегуваат од долготрајна и организирана изнуда. Интервенцијата е извршена со судска наредба, по налог на обвинителството и по целосна криминалистичка обработка.
Според неофицијални информации, станува збор за лица од Арачиново, поврзани со познатата фамилија Маслани. Имено, оваа фамилија претходно се поврзуваше со организираните криминални групи „Барон“ и „Беланоца“.
Полицијата е присутна на терен и во Куманово и во Арачиново. Видливо е засиленото полициско присуство, а акцијата, според нашите извори, не се смета за изолиран случај. Напротив – ова е порака. Порака дека повеќе нема „газди“ над законите. Нема повеќе рекетирање на чесни граѓани. Нема веќе молк пред заканите.
Полицијата со секојдневна работа и секоја интервенција испраќа јасна, силна и недвосмислена порака до сите кои веруваат дека можат да бидат над правото и законите.