Обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ е оценет како сериозен напад врз мирот, стабилноста и соживотот, кои со векови се негуваат во Македонија. Во заедничката реакција на Комисијата за односи со верските заедници и лидерите на петте верски заедници, прочитана од директорката Оливера Трајковска, се нагласува дека секое посегнување по туѓа светиња претставува нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечко достоинство.

Повик за разум и заедништво

Трајковска информираше дека верските заедници остро го осудуваат немилиот настан што се случил во раните утрински часови на 12 април и изразуваат целосна солидарност со Еврејската заедница. Таа упати повик до граѓаните да покажат одговорност, разум и доблест, нагласувајќи дека заемната почит е една од најголемите вредности што треба да се зачуваат и пренесат на идните генерации.

На прес-конференцијата присуствуваа поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, скопскиот бискуп Киро Стојанов, реис-ул-улема Шаќир Фетаху, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и пасторот Марјан Димов.

Леви: Важно е да извлечеме поука

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, истакна дека реакцијата претставува и осуда и силна поддршка, посочувајќи дека во Македонија постои долгогодишна соработка и дијалог меѓу верските заедници. Тој рече дека засега нема нови информации за случајот, нагласувајќи дека приоритет е да се извлече поука од настанот.

Леви потсети дека ваков инцидент не се случил од 1943 година, кога 7.144 Евреи биле депортирани во Треблинка, и додаде дека досега никогаш не била запалена синагога во земјата. Тој изрази надеж дека нема да се дозволи надворешни конфликти да се прелеат во Македонија и ја истакна довербата во институциите дека ќе ги расветлат околностите.

Верските заедници: Соживотот е стабилен

Реис-ул-улема Шаќир Фетаху изјави дека меѓу верниците од исламска вероисповед нема никакви проблеми во односите со другите верски заедници. Тој нагласи дека младите покажуваат високо ниво на почит и дека соживотот во државата се развива позитивно.

Фетаху оцени дека ваквите инциденти не произлегуваат од ниту една религија во Македонија и додаде дека надлежните институции треба да ги пронајдат сторителите. Според него, верските заедници заедно со Комисијата континуирано работат на одржување на висок степен на толеранција и меѓусебно разбирање.