Во говорот на сенародниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, во рамките на предизборната кампања на претседателските избори претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има човек кој ќе води и на меѓународна и на домашна сцена.

Професорката Гордана Силјановска Давкова е решението за претседател на Македонија. Жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија. Која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него. Гордана Силјановска Давкова покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставното право и политичкиот систем, работи кои овие години најмногу ги газеше оваа власт. На Македонија ѝ треба претседател, а не измеќар на ДУИ.

Времињата се тешки, но изборот никогаш не бил појасен. Заокружувањето за бројот 2 и поддршката за Гордана Силјановска на овие избори за претседател значи избор за Македонија која ќе биде повторно горда, за Македонија која ќе има цврсти ставови и кичма која нема да се витка. Професорке, поминавме многу, ова е последниот круг, вие никогаш не се откажавте од вашата верба во правото, во човечкиот потенцијал да ги менуваме работите и оваа кампања ја почнуваме со голема верба во народот на Македонија и мотив да победиме за да градиме иднина.

Осврнувајќи се на поразите во надворешната политика на власта, Мицкоски потсети на Францускиот предлог, на договорот со Бугарија, на поништувањето на нашата историја, на празните зборови за ЕУ-интеграција.

Нема битка која ја добија, и нема пораз во политиката кој не го прогласија за голема победа. Францускиот предлог ни го преставија како голем успех, а всушност е јамката околу вратот на Македонија. Самите ја отворија дебатата околу потеклото на нашите дедовци и прадедовци, додека ги губиме нашите деца кои за жал поради овие политики на владата на СДСМ и ДУИ заминуваат од нашата Македонија. Удираат по темелите, а Бугарија ја користи слабоста на македонската влада. Создадоа раздори и кавги. Ѝ овозможија на Бугарија Македонија и историското ВМРО да го гледаат како дел од нивната историја, а тоа главниот елемент од нашата македонска историја што самото по себе покажува дека имаме различна историја.

Кажуваат дека имаат план за ЕУ ама не го кажуваат кој е планот, и како ако до сега не обезбедиле две третини за смена на Уставот како ќе обезбедат кога ќе бидат 30 пратеници во парламентот сите тие на купче заедно. Планот за ЕУ е да ги ставиме Бугарите во Уставот па после што биде нека биде. Тоа браќа и сестри, почитувани граѓани, не е план за ЕУ тоа е продолжување на нестратешкото работење по принципот купи ден продај. Ќе ставиме крај на откажувањата и поразите. Македонија не смее повеќе да губи и мора да ја направиме повторно горда, порача Мицкоски.