Иако во последните неколку сезони речиси секој меч во Лигата на шампионите нуди динамична игра и голем број погодоци, дел од фудбалските стручњаци изразуваат незадоволство од актуелниот правец во кој се движи најелитното европско натпреварување. Меѓу најгласните критичари на новитетите е прославениот холандски стратег Луј ван Гал.
Поранешниот тренер на европски гиганти како Ајакс, Барселона, Баерн Минхен и Манчестер Јунајтед отворено го критикуваше новиот концепт на натпреварувањето во изјава за холандските медиуми, нагласувајќи дека масовноста му штети на врвниот квалитет.
„Смешен формат. И ‘Курто и Мурто’ можат да играат во Лигата на шампионите денес. УЕФА мисли само како да заработи пари. Тоа е корумпиран свет“, порача Ван Гал.
Иако Ван Гал ја искористи познатата идиоматска фраза „Том, Дик и Хари“, суштината на неговата критика е директно упатена кон нарушениот елитен статус на турнирот. На холандскиот стручњак очигледно не му се допаѓа актуелниот тренд на целосно отворен фудбал, истакнувајќи оти високиот број постигнати голови не претставува реално мерило за квалитетот на играта.
„Се вика Лига на шампиони, нели? Тогаш треба да играат најдобрите. Не ако имате толку голема разлика во квалитетот. Тогаш би имало помалку голови, но натпреварите би биле од повисок стандард и би гледале подобар фудбал“, објасни тој.
Ван Гал ја критикуваше Лигата на шампионите уште од нејзиното формирање. Уште во 1994 година, тој изјави дека УЕФА создава комерцијална монструозност, иако тимовите кои не беа национални шампиони добија право за настап дури во 1997 година. Сепак, неговиот актуелен фокус е ставен на клубовите кои според него немаат капацитет да бидат конкурентни на највисоко ниво.
