Борби во кафез ќе се одржат во Белата куќа како дел од прославата на 80-тиот роденден на американскиот претседател Доналд Трамп и 250-годишнината од основањето на САД.

Во наредните недели на тревникот пред Белата куќа ќе биде поставена октагонална арена со ограда висока 1,83 метри, каде што на 14 јуни борци од организацијата УФЦ (Ultimate Fighting Championship) ќе демонстрираат комбинација од кик-бокс, џиу-џицу, борење и други боречки вештини.

Трамп, долгогодишен поддржувач на овие натпревари, често ја користи метафората „борба во кафез“ и во политиката. – Ги почитувам овие борци. Кога можете да издржите 200 удари во лице и потоа да ѝ се радувате на следната рунда… – изјави Трамп за време на изборната кампања. Тој беше првиот актуелен претседател што присуствувал на УФЦ-настан во 2019 година.

Судијата и коментатор „Биг Џон“ Макарти истакна дека овој спорт не е само насилство, туку техника и стратегија. – Ако сте лути додека се борите, ќе изгубите. Станува збор за стил и контрола – рече Макарти.

Настанот ќе се одржи во недела, наместо во вообичаениот саботен термин, и ќе се пренесува во живо на платформата „Парамаунт плус“ (Paramount+). Планирано е да се поделат околу 85.000 бесплатни билети, а ќе бидат поставени и големи екрани за следење на борбите.

И покрај спектаклот, дел од љубителите на спортот го критикуваат составот на борците, наведувајќи дека недостигаат врвни имиња како Џон Џонс и Конор Мекгрегор. Поранешната шампионка Ронда Раузи оцени дека програмата е „под очекувањата“.

Настанот сепак ќе вклучи неколку значајни борби, меѓу кои и дуелот меѓу Алекс Переира и Сирил Ган во тешка категорија, како и пресметката меѓу Илија Топурија и Џастин Гејџи.

Портпаролот на Белата куќа, Стивен Чунг, изјави дека станува збор за „еден од најголемите и најисториските спортски настани“.

Дел од аналитичарите оценуваат дека Трамп го користи УФЦ како средство за политичко позиционирање и за приближување до гласачите.