На мерна станица Ѓуриште е измерено најголемо количество дожд, 54 литри на квадратен метар во изминатите 24 часа, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Во иминатото деноноќие, според мерењата во 8 часот, 21 литар на квардатен метар наврнат воден талог имало во Крива Паланка, 17 во Тетово, осум во Пожаране, седум во Битола и Виница, пет литри во Прилеп и Крушево, четири во Штип, три литри на мерна станица Скопје – Зајчев Рид и Охрид, два во Демир Капија и Берово и еден литар во Струмица и Маврово.

-Во првиот дел од ноќта беше нестабилно со грмежи и појава на пороен дожд во Скопско и во поголем дел на североистокот од земјава. До изутрина преовладуваше малку до умерено облачно, а утрово во поголемиот дел од земјава има значителна ниска облачност. Утрово дува и слаб ветер со променлив правец, соопшти УХМР.

Времето денеска ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд кој преку денот ќе се прошири од запад кон исток и ќе биде проследен со грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголемо количество воден талог), електрични празнења, силен ветер, над 70 километри на час и појава на град.

Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 28 степени, вредноста на УВ-индексот 6.

Во Скопје променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите повремено ќе бидат и во форма на краткотрајно невреме. Максималната температура ќе достигне 24 степени.