Во Охрид е измерено најголемо количество дожд во изминатите 24 часа, односно 28 литри на метар квадратен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Во изминатото деноноќие, според мерењата до 8 часот, 25 литри на метар квадратен наврнат воден талог имало во Дебар, 22 во Претор, 18 во Пожаране, 17 во Штип, 14 во Маврови Анови, Крива Паланка и Крушево, 13 во Битола, 12 во Лазарополе, десет во Тополчани, осум во Прилеп, седум во Тетово, Гевгелија, Попова Шапка, шест во Скопје – Зајчев Рид и Демир Капија, пет во Струмица, три во Берово, Дојран и Ѓуриште.

Времето денеска ќе биде облачно, посвежо и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни, локално над 20 литри на метар квадратен наврнат воден талог, проследени со електрични празнења и со услови за појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 20 до 26 степени, а вредноста на УВ-индексот 4.

Во Скопје облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено попладне и кон крајот на денот. Во делови од котлината ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на невреме. Максималната температура ќе достигне 24 степени.