Земјоделските производители да продолжат со редовно наводнување, особено овие денови, кога, според прогнозата, температурите ќе достигнат 40 степени. Да се наводнува исклучиво во ноќните или раните утрински часови, за да се спречи шок кај коренот на растенијата и големо испарување, препорачуваат агрометеоролозите од УХМР.

Како што истакнуваат, топлото време ги зголемува транспирацијата евапорацијата, што доведува до поголема потрошувачка на вода.

-Растенијата губат повеќе вода преку транспирација отколку што нивниот коренов систем може да прими вода од почвата. Тоа може да предизвика нарушување на водниот баланс во растението – појавата на воден дефицит и суша. Затоа е потребно редовно наводнување на културите, исклучиво во ноќните или раните утрински часови, за да се спречи шок кај коренот и големо испарување, објаснуваат агрометеоролозите.

Според нив, повеќето од културите се во фаза на интензивен раст и во фаза на берба.

-Пченицата е веќе прибрана или се прибира. По вршидбата зрното се досушува ако за тоа има потреба до 14 отсто влага, а потоа се складира во магацин или силоси, а сламата по жетвата се балира и се складира во камари до нејзина употреба. Пченката која е во интензивен пораст треба да се наводнува, иако се смета дека е отпорна на суша. Најголеми потреби за наводнување има во фазата метлење до налевање на зрното. Секој топлотен стрес и недостаток на влага во овој период може драстично да го намали крајниот принос, нагласуваат агрометеоролозите од УХМР.

Дополнуваат и дека земјоделците треба да продолжат со грижата за посевите и со следење на евентуалната појава на болести и штетници.

-Неопходна е редовна контрола на посевите и преземање на редовните агротехнички мерки, но мора да се почитуваат и препораките за работа на отворено. Сите активности што се итни, треба да се извршуваат рано наутро или приквечер, потенцираат агрометеоролозите од УХМР.