Рокот за потврда или корекција на Годишната даночна пријава за 2022 година истекува на крајот на овој месец.

Од Управата за јавни приходи ги потсетуваат граѓаните кои тоа досега не го сториле, да ја регулираат оваа обврска која е поврзана со доходот што го оствариле во текот на минатата година.

„Потврдата или корекцијата на ГДП се врши електронски на системот е-Персонален данок, каде сите регистрирани корисници на своите кориснички профили може да го менуваат статусот на пријавата, односно да ја потврдат или да ја коригираат. По истекот на законскиот рок, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на ГДП– потврдена или коригирана“, велат од УЈП.

Од УЈП апелираат до граѓаните кои оствариле приходи, а се уште не се регистрирале на системот е-Персонален данок, тоа да да го направат во најкраток можен рок.

„Годишната даночна пријава која што граѓаните ја коригирале, а добиле статус на конечна даночна пријава ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на данок на личен доход за 2022 година. Кај граѓаните кај кои се појавува обврска за доплата ќе се генерира налог за доплата, кој се наоѓа во самата даночна пријава (во прозорче печати)“, додаваат од УЈП.