Од препукувањата на обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска и првиот човек на Финансиската полиција Арафат Муареми полека излегува на виделина сето она што го правеле, сето она што го ставале под тепих и мислеле дека нема да се дознае, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија обвинува дека наместо борба против криминалот Русковска и Муареми ги злоупотребувале институциите и правеле криминал.
Муареми и другите институции во системот мора да кажат дали и ако да, зошто биле злоупотребувани истраги од страна на финансиската полиција за рекет? Дали се отворани предмети за да се држат под закана од прогон луѓе или фирми, а потоа откако ги дисциплинирале ги ставале во фиока? Русковска пак треба да каже зошто молчеле до сега и од кога знае за таквите наводи, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дека институциите се гнили, велат оттаму, покажува и даночниот криминал од скоро 100 милиони евра, кој бил правен со фиктивни фактури, а кој УЈП го криеше од јавноста се додека ВМРО-ДПМНЕ не обелодени сомнежи за криминал.
Како доаѓа крајот на власта на СДСМ и ДУИ, така се повеќе излегуваат на површина нивните криминали. Ваквите случаи дополнително ќе бидат истражени по промената на власта и секој кој се огрешил пред законот ќе треба да одговара, а не да се крие зад поранешни функции или политички позиции. Законот ќе важи еднакво за сите, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.