Од денеска укината е рестрикцијата во водоснабдувањето во Дебар, што беше воведена на 31 јули оваа година. Како што за МИА информираше Бурим Каба, директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард”, кое стопанисува со водоводот Росоки-Дебар, сега нормално е снабдувањето во сите делови во градот.
-Во главниот резервоар во градот и во претходниот период пристигнуваа во просек по 120 литри вода во секунда што е доволно за задоволување на потребите на околу 25.000 жители, доколку според европскиот просек се трошат по 200 литри вода дневно по човек. Но, поради злоупотребата, со наводнување градини, миење дворови, тротоари па дури и улици пред домовите бевме принудени да се одлучиме на непопуларната мерка, рестрикција, вели Каба.
Дообјаснува дека и покрај редовните апели за рационално користење на водата за пиење, корисниците продолжиле со старата навика.
-Поради тоа, се јави проблем во водоснабдувањето во повисоките делови на градот па за да може и тие делови да имаат вода, воведена беше рестрикција од три до четири часа дневно а беа опфатени населбите „Венец1″, „Венец2″, „Ќернаница”, како и главната улица во градот „8-ми септември”, нагласува тој.
Дебар со вода за пиење се снабдува од изворите во малореканското село Росоки, преку водоводот Росоки-Дебар, но и селата Долно Косоврасти и Рајчица, низ кои минува водоводот или околу 6 илјади физички и правни лица.