Одлуката донесена недела дена пред 12-годишната пресуда за сообраќајка
Врховниот суд на Република Северна Македонија ја укина пресудата на скопската Апелација со која Васил Јованов беше осуден на три години и 10 месеци затвор за поседување и трговија со дрога. Одлуката е донесена на 7 мај – само една недела пред Основниот кривичен суд Скопје да го осуди Јованов на 12 години затвор за сообраќајката кај Универзална сала во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.
Барањето поднесено од адвокатот на Јованов е прифатено
„Советот за казниви дела при Врховниот суд, на седницата одржана на ден 07.05.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје, поднесено преку неговиот бранител Панче Нефтенов. Пресудата на Апелациониот суд Скопје од 5 февруари 2025 година е укината, а предметот е вратен на повторно постапување и одлучување“, се наведува во официјалното соопштение објавено на веб-страницата на Врховниот суд.
Оваа пресуда за поседување и продажба на дрога Основниот суд ја зема како отежнителна околност при донесувањето на казната за трагичната сообраќајка. Но, за време на вчерашното рочиште, не беше споменато дека оваа пресуда веќе е укината.
Нови жалби и нови одлуки
Сега, покрај враќањето на предметот за дрога на повторно одлучување, Апелациониот суд ќе треба да одлучува и по жалбата на одбраната за пресудата од 12 години затвор за сообраќајната несреќа. Адвокатите на Васил Јованов за пресудата веќе најавија жалба. Тие велат дека добиле преголемата висина на изречената казна.
Да потсетиме, скопската Апелација на 5 февруари годинава одлучуваше по жалбите на обвинителството и одбраната за првичната пресуда со која Јованов беше осуден на мерка во воспитно-поправен дом. Тој поседувал и продавал марихуана и кокаин. Врз основа на таа одлука, тој тогаш излезе од притвор. Таквиот потег предизвика силна реакција во јавноста, особено по трагедијата во која животот го загуби младата Фросина Кулакова.
Извор: 360 степени