Навредлива теза е да се тврди дека Украина е поблиску до ЕУ од Македонија 

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев, изјави дека е дрска навреда да се тврди дека Украина е поблиску до ЕУ од Македонија. Тој оцени дека таквата теза е целосно неправедна и дека ги понижува земјите од Западен Балкан.

„Ми се чини сè поверојатно дека овој цинизам и дрскост на одредени европски структури е незапирлив. Овие луѓе се чини дека се опседнати со Украина и како тоа да е нивниот начин да останат на власт. Украина е земја во војна без јасно дефинирана територија, која не е во можност да се финансира сама. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Македонија е дрска навреда кон овие земји. Тоа е неправедно и нехумано, ние ја уништуваме таа земја“, изјави Милановиќ.

Тој додаде дека спорот меѓу Софија и Скопје е нивно внатрешно прашање и не гледа простор за вештачки притисоци врз процесот.

Радев: Западен Балкан не смее да биде жртва на геополитички калкулации

Бугарскиот претседател Румен Радев, кој ја делеше говорницата со Милановиќ, предупреди дека не би било добро да се форсира Украина пред земјите од Балканот. Тој нагласи дека европските институции мора да останат принципиелни во односот со земјите-кандидати.

„Не би бил добар сигнал за земјите од Западен Балкан ако на Украина ѝ се даде приоритет поради геополитички околности, без да се исполнат критериумите и реформите потребни за членство“, истакна Радев.

Тој изрази став дека истото важи и за Македонија, и покрај тоа што во јавноста постои перцепција дека Бугарија го блокира напредокот на земјата кон ЕУ.

„Ние не ја блокираме Македонија, туку инсистираме на фер процес и исполнување на договореното. Украинскиот случај не смее да се користи како преседан за игнорирање на основни критериуми“, изјави Радев.