Во Брисел се отвора опција Украина експресно да биде вклучена во ЕУ како дел од мировен аранжман со Русија, но без целосните права што ги носи членството.
Според претставници на Европската Унија кои зборувале за Ројтерс, останатите права Киев би ги добивал постепено, во рамки на транзициски периоди.
УКРАИНА ЕСПРЕСНО ВО ЕУ
Како што наведуваат европски функционери, предлогот е сè уште во рана фаза и е осмислен како сигнал кон украинските граѓани, кои членството во ЕУ го гледаат како клучна безбедносна гаранција по војната и очекуваат уверување дека земјата се движи кон економска стабилност и интеграција со Западот.
Дипломати изјавиле дека членството на Украина во Европската Унија до 2027 година било спомнато во нацрт-мировниот план што го разгледувале Соединетите Американски Држави, Украина и ЕУ, но нагласуваат дека многу земји-членки го сметаат тој рок за нереален, со оглед на тоа што пристапниот процес се темели на исполнување на критериуми и бара согласност од сите 27 членки и нивните парламенти.
Според моделот што моментално го анализира Европската комисија, стандардниот процес би бил делумно превртен – Украина најпрво би добила статус на членка, додека правото на глас и другите целосни права би се активирале постепено, зависно од напредокот во усогласувањето со законодавството на Унијата.
„Мораме да признаеме дека реалноста денес е различна од кога правилата за проширување беа првично поставени“, рече еден функционер на ЕУ, додавајќи дека ваквиот пристап би можел да се користи и за други земји кандидати.
Функционерите посочуваат дека Украина, за разлика од останатите кандидати, нема простор за долг пристапен процес, бидејќи евентуален мировен договор би можел да вклучи територијални отстапки и да биде тешко прифатен од јавноста.
„Во интерес на Европа е Украина да биде во ЕУ заради сопствената безбедност“, изјави еден дипломат, нагласувајќи дека се потребни „креативни решенија“ за брзо политичко вклучување на Украина, со полноправно членство откако ќе бидат исполнети сите услови.
Истовремено, европските функционери признаваат дека ваквиот модел би можел тешко да биде прифатен од сите земји-членки и дека отвора прашања за рамноправност со државите кои го завршиле или сè уште го поминуваат традиционалниот пристапен процес.
УКРАИНА ЕСПРЕСНО ВО ЕУ
