Разговорите ги иницира Москва, но поставува предуслови: Стоп за западното оружје и украинска демобилизација

Претставници од Украина и Русија денеска повторно ќе се сретнат во Истанбул, во обид да најдат излез од троиполгодишната војна. Средбата ќе се одржи во палатата Чираган во 12 часот, соопшти турското Министерство за надворешни работи. Иницијативата за нови преговори дошла од Москва, јави ДПА.

Ова е втора директна средба меѓу Украина и Русија по онаа во мај, кога беше договорена размена на затвореници. Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека Киев ќе инсистира на „целосно и безусловно примирје, ослободување на сите затвореници и враќање на киднапираните украински деца“.

Москва сака прекин на западната поддршка и стоп на мобилизацијата

Од руската страна, одговорот е поделен. Иако Кремљ сигнализираше подготвеност за прекин на огнот, руските власти поставуваат низа предуслови. Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, изјави дека „барем треба да престанат испораките на оружје од западните земји и Украина да ја запре својата мобилизација“.

Новата рунда разговори доаѓа веднаш по, како што го нарекуваат украинските власти, еден од „најуспешните и најсмели напади на руска територија“. Според украинската Служба за безбедност (СБУ), во координиран напад со дронови биле погодени четири руски воени аеродроми, со сериозни оштетувања на повеќе стратешки бомбардери во Сибир.

Постои умерен оптимизам дека разговорите може да доведат до нова фаза во дипломатските напори, иако двете страни засега остануваат на сосема различни позиции во однос на условите за примирје.

Во меѓувреме, посредувањето на Трамп се покажа како неуспешно. Тој најавуваше мир за неколку дена, но наместо тоа мир нема ниту по 5 месеци откако тој е на власт.

Трамп по разговорот со Путин: Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот

Останува да видиме кој ќе биде епилогот по новата рунда разговори.

Извор: 360 степени