Најголема офанзива со беспилотни летала од почетокот на војната

Голема офанзива со беспилотни летала изврши Украина врз Русија. Цел на нападите биле градови и клучни индустриски капацитети, меѓу кои и фабриката за челик во Липецк. Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските воздухопловни сили пресретнале 162 украински дронови во текот на голем, координиран ноќен напад врз неколку региони во Русија. Нападот, кој започнал на 1 јуни вечерта и траел до утринските часови на 2 јуни, предизвикал експлозии, штети на станбени објекти и инфраструктура, но според досегашните податоци – нема повредени.

Украина и Русија повторно на преговарачка маса во Истанбул

Мета на нападот биле градови и индустриски објекти во најмалку осум региони, меѓу кои Курск, Белгород, Липецк, Воронеж, Рјазан, Брјанск, Орлов и Крим. Според неофицијални руски извори, фокусот бил ставен врз фабриката „Новолипецк Челик“ (НЛМК) – најголемиот производител на челик во Русија, лоциран во Липецк.

Дрон удрил во станбена зграда во Курск, штети и во Рјазан

Во Курск, еден од дроновите удрил директно во деветкатна зграда, оштетувајќи два стана, неколку куќи и возила. Во Воронеж, пред полноќ се слушнале неколку силни експлозии, кои, според сведоци, ја потресле околината и ги активирале алармите на возилата.

Во Рјазанската област, остатоци од соборени дронови предизвикале оштетувања на автомобили и прозорци од станбени објекти. Присуство на дронови било регистрирано и во Ивановската и Волгоградската област, каде биле издадени предупредувања за можни напади.

Според бројките објавени од руското Министерство за одбрана, најмногу дронови биле соборени во Курск (57), Белгород (31) и Липецк (27). Москва ги обвинува украинските власти за ескалација на воените дејствија. Киев официјално не ја презеде одговорноста.

Овој масовен напад следува ден по нападот врз руски воздухопловни бази во Сибир. Се смета за еден од најсериозните удари на Украина врз руската територија од почетокот на војната.